Во Пехчево денес се одржа јавна консултативна сесија со граѓаните во организација на Општина Пехчево, како дел од процесот за планирање на општинскиот буџет за 2026 година. Целта на средбата е активно вклучување на граѓаните во дефинирање на приоритетите и проектите кои општината ќе ги реализира во наредниот период.
Од име на градоначалникот Александар Китански присутните ги поздрави Елица Јовевска од Општина Пехчево, која истакна дека јавната вклученост е важен сегмент во креирањето развојни политики на локално ниво.
-Се надеваме на конструктивни и креативни предлози кои ќе најдат место во програмите и буџетот за 2026 година. Голема благодарност им упатуваме и на долгогодишните соработници Борис и Невенка, со кои заедно го организираме овој процес. Денес ќе биде презентирано што е реализирано во изминатата година за да не се повторуваат проекти кои се завршени или моментално се во реализација, изјави Јовевска.

Своја изјава даде и Борис Шарковски, програмски директор на НВО „Ф.Р.Л.З.“ – Штип, кој нагласи дека активната присутност на граѓаните е потврда дека процесот со години успешно функционира во Пехчево.
-Нашата цел е да ги издвоиме проектите кои општината ќе ги реализира во следниот период. Денес ќе се запознаеме со реализацијата на буџетот до третиот квартал и со проектите планирани за следната година. Граѓаните, распределени по работни групи, ќе ги утврдат своите приоритети, кои потоа ќе бидат повторно рангирани и доставени до општината за понатамошна реализација,“ изјави Шарковски.
Настанот продолжи со работа по групи и дискусии за развојни идеи и приоритети, со цел поголема транспарентност и учество на заедницата во донесувањето на локални политики.

