Активистичката група „Anna’s Archive“ тврди дека успеала да преземе околу 86 милиони музички фајлови од „Spotify“ и најавува нивно објавување преку торент-мрежи, објави Гардијан.
„Spotify“, платформата која има над 100 милиони песни и повеќе од 700 милиони корисници ширум светот, потврди дека не е преземена целата нивна музичка архива. Компанијата со седиште во Стокхолм соопшти дека ги идентификувала и оневозможила корисничките сметки кои биле вклучени во, како што велат, „незаконското извлекување податоци“.
„Истрагата покажа дека трета страна извлекла јавно достапни метаподатоци и користела нелегални техники за заобиколување на заштитата за да пристапи до дел од аудиофајловите“, соопшти „Spotify“, додавајќи дека во моментот сметаат дека музиката не е јавно објавена.
„Anna’s Archive“, група позната по обезбедување линкови до пиратски книги, во блог-објава наведува дека целта им е создавање на „архива за зачувување на музиката“. Според нив, преземените фајлови опфаќаат 99,6 отсто од музиката што ја слушаат корисниците на „Spotify“.
„Spotify не ја поседува целата музика во светот, но ова е одличен почеток“, наведува групата, која својата мисија ја опишува како „зачувување на знаењето и културата на човештвото од уништување предизвикано од војни, природни катастрофи или кратење на буџети“.
Композиторот и активист за заштита на авторските права Ед Њутон-Рекс предупредува дека преземената музика најверојатно ќе заврши како материјал за тренирање ВИ-модели.
„Тренирањето на вештачка интелигенција со пиратски материјал е, за жал, честа практика во индустријата. Затоа е неопходно владите да бараат целосна транспарентност за податоците што ги користат ВИ-компаниите“, изјави тој.
Од „Spotify“ велат дека веќе вовеле дополнителни заштитни мерки и активно следат сомнителни активности на платформата.
