Три магистрални гасоводи, во должина од 267 километри, за кои државата потрошила 143 милиони евра, биле изградени, а се уште не се ставени во функција заради нерешени имотно правни односи на нивната траса, констатирал Државниот завод за ревизија во извршената ревизија во Акцинерското друштво НОМАГАС. Компанијата има и објекти изградени пред повеќе од 30 години, кои иако имаат уредна документација не се запишани во катастар. Спорна е и изградбата на гасоводниот прстен околу Скопје кој, заради нова сообраќајница, може да чини повеќе пари. НОМАГАС дале и заем од 75 милиони денари Пошта, но досега им се вратиле помалку од три проценти од парите.
Ревизорите констатирале неправилности во управувањето со имотот, евиденцијата на капиталот и распределбата на надоместоци, што може неповолно да влијае врз ликвидноста на друштвото и развојот на гасниот систем во државата, заради што е изразиле неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеност со законската ррегулатива.
Со ревизијата е утврдено дека трите магистрални гасоводи се целосно изградени во периодот од 2016 до 2024 година, но се уште не се во функција заради нерасчистени имотни односи и заради пролонгирање на рокови во изградбата.
Констатирано е дека НОМАГАС располага со имотни листови за магистралниот гасовод Деве Баир–Скопје и уште шест инфраструктурни објекти, но за 78 придружни објекти како блок станици, мерно-регулациони станици и чистачки станици сè уште не е утврден правниот статус. Иако дел од објектите се изградени уште во периодот од 1995 до 2000 година со уредна документација, тие никогаш не биле запишани во Агенцијата за катастар на недвижности, а за нив се уште се водат постапки за легализација кои траат со години.
Проблематичен е и гасоводот за Скопје, бидејќи, поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, крајниот прстен не е завршен, а изградена е нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни градежни активности и расходи.
НОМАГАС има побарувања од краткорочен заем од 75 милиони денари даден на АД Пошта, кој треба да биде вратен до 30 декември 2025 година, со плаќање на законска камата во случај на задоцнување, но за кој ревизијата утврдила дека заклучно со мај годинава, вратени се само два милиони денари, што може неповолно да влијае врз ликвидноста и профитабилноста.
Со ревизијата е истакнато дека се уште не е воспоставен оператор на систем за дистрибуција на природен гас и покрај тоа што биле отпочнати активности во минатиот период, а НОМАГАС нема ниту усвоено десетгодишен план за развој на преносната мрежа за периодот 2024–2035 година.
