
Три лица, меѓу кои и двајца полицајци, загинаа во експлозија во Москва, соопштија руските власти.
Според рускиот Истражен комитет, инцидентот се случил на улицата Јелецкаја, кога двајца сообраќајни полицајци забележале „сомнително лице“ во близина на полициско возило. Кога се обиделе да му пријдат и да го приведат, било активирано експлозивно направо, објави Би-би-си.
Двајцата полицајци починале од здобиените повреди, а животот го загубило и уште едно лице кое се наоѓало во непосредна близина на местото на експлозијата.
Експлозијата се случила во близина на локацијата каде што претходно оваа недела беше убиен висок руски воен функционер. Во понеделникот, генерал-потполковник Фанил Сарваров загина во автомобил откако експлозивна направа поставена под возило била активирана во главниот град на Русија.
Портпаролката на Истражниот комитет, Светлана Петренко, изјави на Телеграм дека во Москва е отворен кривичен предмет поврзан со „обид за убиство на сообраќајни полицајци“. Истрагата за двата инцидента е во тек, а засега нема официјални информации за можни мотиви или сторители.
