Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вели дека царините околу Гренланд би биле грешка и ветува „непоколеблив“ одговор од Европа. Таа, говорејќи за кризата околу Гренланд, изјави дека „царините се грешка, посебно меѓу долгогодишни сојузници“, пренесува „Гардијан“.
Претседателката денеска во Давос ги потсети присутните дека САД и Европа постигнале трговски договор минатата година. Во индиректна порака до претседателот Трамп, кој патува кон Давос, фон дер Лајен рече:
„Во политиката, како и во бизнисот, договорот е договор. И кога пријателите си подаваат рака, тоа мора да значи нешто“.
Таа додаде дека Европа ги смета луѓето во САД не само за свои сојузници, туку и за пријатели.
„Туркањето во надолна спирала би им помогнало само на противниците кои двете страни се обврзани да ги држат надвор од стратешкиот пејзаж. Европа ќе биде непоколеблива, обединета и пропорционална во својот одговор, рече фон дер Лајен.
Таа објасни дека Европа работи на пакет мерки за арктичка безбедност, кој ќе има три точки – суверенитетот на Гренланд и Данска е непреговарачки, масовен бран на инвестиции во Гренланд, како и соработка со САД за пошироката арктичка безбедност.
