Петар Карбински од Пехчево беше најсреќниот кој успеа да го фати осветениот крст во осветените води во реката Писа.
Традиционално осветување на водата на пехчевска Писа се одржа во присуство на голем број верници од Пехчево, но сепак, најсреќен е Петар кој го извади светиот крст од водите на ладната река Писа.
На традиционалното осветување на водата на реката Писа во Пехчево и оваа година учествуваа 20-тина млади пехчевци кои скокнаа во водата обидувајќи се да го фатат светиот крст во водите на реката Писа.
Петар доби и прикладни награди што ги доделуват општина Пехчево и компанијата Зегин, а градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански, лично му го честиташе успехот, но и празникот на сите граѓани на Пехчево, од свое лично име и од името на општинската администрација, посакувајќи им љубов, почитување и успешна година на сите полиња.
На големата церемонија претходеше и водосвет во црквата ,, Св. Петар и Павле ’’ каде голем број верници беа присутни на Свечената Богојавленска литургија. Отец Горан и отец Љупчо му посака успех, среќа и благодет на најсреќниот на овогодинешните Водици, Петар, како и на сите граѓани на Пехчево. Во нивната порака се повика на љубов, меѓусебна толеранција и почитување, во име на Светиот дух на Господ Бог кој според православното христијанство на овој светол ден му се јави на човештвото, за прочистување на неговото тело и дух, во водите на Јордан.
За многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, општина Пехчево годинава обезбеди топли пијалоци за сите присутни.
Инаку, Богојавление – Водици е христијански празник кој се слави уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа.


