На 30 јануари 2026 година, во периодот од 15:00 до 16:00 часот, во просториите на Здружението на пензионери во Берово, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Берово реализираа превентивна едукативна средба со пензионери.
Средбата беше организирана во рамки на превентивните активности на МВР, под мотото „Градиме пријателство – создаваме безбедност“, со цел информирање и заштита на постарите лица од измами, кражби и други имотни деликти.
На присутните им беше презентирана актуелната состојба со имотни измами на подрачјето на СВР Штип, при што беше посочено дека најчести таргети на ваквите кривични дела се повозрасните лица, кои неретко се доведуваат во заблуда преку лажно претставување и инволвирање на блиски членови од семејството, со цел изнудување парични средства.
Полициските службеници дадоа конкретни совети за самозаштита, меѓу кои: внимателност при движење на јавни места, задолжително затворање на вратите и прозорците при напуштање на домот, чување на вредните предмети на безбедно место, како и пријавување на секоја сомнителна појава во полиција. Посебно беше нагласено дека не треба да се објавува отсуство од домот на социјалните мрежи, како и никогаш да не се оставаат врати отклучени.
Во делот на џебните кражби, на пензионерите им беше укажано да носат со себе само неопходна сума пари, паричникот и мобилниот телефон да ги чуваат во предните џебови, а торбите секогаш да бидат затворени. Во случај на сомнеж или забележување на необични детали, како тетоважи, белези или однесување на сомнителни лица, веднаш да се контактира полицијата.
Посебен акцент е даден на актуелните случувања на територијата во однос на зголемениот број на телефонски измами кај пензионерите, нивно информирање за најчестите начини на извршување на овие кривични дела, како и укажување на мерките за самозаштита и правилно постапување при сомнителни телефонски повици.
Во рамки на кампањата, присутните пензионери беа запознаени со: најчестите видови телефонски измами (лажно претставување како полиција, лекари, роднини, банки); начини за препознавање на измамнички повици; значењето на непредавање пари или лични податоци по телефон; потребата од навремено пријавување на вакви настани во полиција. На присутните им беше укажано дека надлежните институции никогаш не бараат пари или лични податоци по телефон и дека секој сомнителен повик треба веднаш да се пријави на бројот 112 или во најблиската полициска станица.
На присутните им беше потенцирана важноста од навремена соработка со полицијата и пријавување на сите настани на бесплатните телефонски броеви 192 и 112. За таа цел, беа поделени и летоци со едукативни содржини за препознавање и заштита од измами, провални и џебни кражби.
Од страна на полициските службеници беше нагласено дека ваквите превентивни активности ќе продолжат и во иднина, со цел зголемување на безбедноста и информираноста на граѓаните, особено на повозрасната популација.

