Во јануари 2026 година е регистрирана дефлација од 0,7 проценти во однос на претходниот месец, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС). Намалувањето на индексот на трошоците на животот во однос на декември 2025 година изнесува –0,7 отсто.
Најголемо влијание врз месечниот пад на инфлацијата има групата транспорт, каде е забележано намалување од 9,3 проценти. Пониски трошоци се евидентирани и во групите Информации и комуникации (–1,6 %), Рекреација, спорт и култура (–1,5 %), Облека и обувки (–1,2 %), како и Лична нега, социјална заштита и разновидни стоки и услуги (–0,5 %).
Пораст на трошоците на животот е регистриран кај Покуќнина, опрема за домаќинствата и редовно одржување, како и кај Домување, вода, електрична енергија, гас и други горива (1,0 %). Зголемување има и во Ресторани и услуги за сместување (0,7 %), Услуги за образование, како и Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици (0,1 %).
Трошоците во групите Осигурување и финансиски услуги, Здравствена заштита и Храна и безалкохолни пијалаци остануваат непроменети во однос на претходниот месец.
Индексот на цените на мало во јануари 2026 година во однос на декември 2025 година изнесува 97,3. На годишно ниво, односно во споредба со јануари лани, индексот на трошоците на животот бележи пораст од 3,2 %, додека индексот на цените на мало е зголемен за 1,2 %.
