Со финалните натпревари во преполната спортска сала „Македонски бранители“ во Берово, вечерва свечено беа заокружени Работничките спортски игри 2026, на кои победата ја освои екипата на АРМ.
Како што информираше градоначалникот на Берово, Петар Ружински, финалната вечер поминала во одлична спортска атмосфера, исполнета со борбеност, навивање и фер игра, а сите екипи покажале голема посветеност и спортски дух.
Во финалниот натпревар екипата на АРМ ја совлада екипата на Приватни фирми и угостители и го освои првото место на турнирот. Второто место им припадна на Приватни фирми и угостители, додека третото место го освои екипата на Образование.
Покрај екипните награди, беа доделени и индивидуални признанија. За најдобар голман беше прогласен Кире Вагадински, за најдобар играч Петар Пачарски, додека титулата најдобар стрелец ја понесе Александар Мишовски. Признанието „ветеран на игрите“ му припадна на Ѓорѓи Црневски.
