Општина Делчево започна голема акција за расчистување на дивите депонии на повеќе локации во градот. Во акцијата учествуваат екипи на ЈКП „Брегалница“, лица ангажирани преку Програмата за јавни работи, како и граѓани ентузијасти кои со механизација и рачно работат на отстранување на отпадот.
Првата акција беше реализирана на теренот околу тениското игралиште и на влезот на градскиот стадион во Делчево, каде беа расчистени поголеми количества отпад.
Акцијата се спроведува со поддршка на општествено одговорни компании и граѓани, а од Општината посочуваат дека токму ваквите заеднички активности покажуваат дека институциите, бизнис-секторот и граѓаните можат заедно да придонесат за почиста и поздрава животна средина.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека целта на акцијата е не само расчистување на постојните диви депонии, туку и подигнување на јавната свест за заштита на природата.
– Дивите депонии не само што ја нагрдуваат околината, туку претставуваат и сериозна закана за здравјето на луѓето, почвата и водата. Затоа оваа акција е повик до сите – институции, организации и граѓани – да се вклучат и да придонесат за почиста средина, нагласи Гоцевски.
Од Општина Делчево упатуваат порака дека чистата околина значи поздрав живот и дека природата не смее да се третира како депонија, бидејќи одговорноста за нејзиното зачувување е на сите.
Воедно, локалната самоуправа ги повикува граѓаните активно да се вклучат во пријавување и отстранување на дивите депонии, со цел заеднички да се создаде почиста и поздрава средина.
Граѓаните можат да пријават диви депонии на електронската адреса info@delcevo.gov.mk или на телефонскиот број 033 411 550.
Од Општината апелираат заеднички да се придонесе за позитивна промена и Делчево да ја дочека пролетта со чиста и здрава животна средина.
