Третата група македонски државјани од Блискиот Исток синоќа пристигнаа на Меѓународниот аеродром во Приштина. Тие беа евакуирани од Катар, Кувајт, Саудиска Арабија и Бахреин. Патниците претходно со организиран превоз беа транспортирани до Ријад, од каде што со специјален лет го напуштија регионот.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски информира дека во авионот биле 151 патник, од кои 109 се македонски државјани, како и државјани на повеќе други земји.
„Евакуацијата беше реализирана врз основа на претходно утврден план и во координација со надлежните институции. Министерството и понатаму останува на располагање на сите наши државјани кои имаат потреба од поддршка во погодените региони“, рече Муцунски.
Пред два дена со лет од Дубаи евакуирани беа 150 патници, од кои 125 македонски државјани, 11 државјани на Косово, 7 на Србија, по двајца државјани на Босна и Херцеговина и на Албанија и по еден државјанин на Германија, Ерменија и на Црна Гора, а претходно, 151 патник беше евакуиран од Обединетите Арапски Емирати со лет на „Флај Дубаи”. Повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.
Во првата евакуација на македонски граѓани по почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, со владиниот авион беа евакуирани шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик во Египет.
