Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство против унгарските сопственици на телевизија Алфа поради, како што велат тие, постоење на сериозни сомнежи за организирана шема за перење пари, даночно затајување и фалсификување деловни книги.
„Пријавата е поднесена против повеќе физички и правни лица, меѓу кои и Питер Шац, кој е мнозински сопственик на Алфа ТВ, како и управител на „Таргет Медиа“ и „Алфа Скоп“ ДОО, поради основано сомнение за сторени повеќе кривични дела“, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Димитријевиќ на прес-конференцијата изјави дека средствата биле прикрени преку фиктивни договори за маркетинг и рекламирање со компании кои, според него, немаат реална економска активност на македонскиот пазар. Тој додаде дека преку таканаречени „shell“ компании се избегнувале правилата за транспарентност на медиумската сопственост и финансирање.
„Постојат индиции дека од 2017 година наваму, преку меѓународна мрежа на трансакции, околу 2,85 милиони евра биле префрлени од странство во Македонија, по што средствата завршувале во телевизија Алфа“, наведе Димитријевиќ.
Финансиската полиција веќе констатирала дека станува збор за сомнителни маркетиншки услуги, за кои постои сомнеж дека биле користени за прикривање на потеклото на парите.
„Понатаму, постојат основани сомнежи дека биле склучувани нелогични договори и внесувани невистинити податоци во деловните книги, со цел легализација на сомнителен капитал. Накратко, постојат сериозни сомнежи за перење пари преку лажни реклами и сомнителен капитал како извор на финансирање. За ова имало започната постапка, која очигледно се држи во фиока“, изјави Димитријевиќ.
Од СДСМ очекуваат Јавното обвинителство и другите надлежни институции итно и неселективно да постапат, да обезбедат докази, да ги замрзнат средствата и да утврдат одговорност.
„Слободата на медиумите не значи слобода за перење пари, ниту одработување во интерес на странски авторитарни режими“ изјави Димитриевиќ.
