Независните граѓански иницијативи кои учествуваа на изборите денеска побараа да бидат вклучени во работната група која работи на измените на Изборниот законик, но и да се имплементираат нивните 15 барања, кои денеска му ги доставија на министерот за правда, Игор Филков. Тринаесет иницијативи, меѓу кои и „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Независни заедно“, „Подобро за Тетово“, „Ред за Куманово“, „Стига е“ и други денеска побараа нивни претставник да биде дел од работната група којашто веќе работи на Изборниот законик, покрај тие од политичките партии. Тие информираа дека имаат свои предлози кои се во согласност со добрите меѓународни практики, за кои очекуваат да се спроведат и во нашата држава и на тој начин да обезбедат еднаков, правичен и ефективен пристап на независните кандидати и листи на локалните и парламентарните избори.
„Во работната група во моментов работат претставници на политичките партии, но само парламентарните политички партии, што исто така сметаме дека не е во ред, заради тоа што има и други политички субјекти коишто се на локално ниво. А бидејќи законот ќе важи и за централно и за локално ниво, сметаме дека треба да има пошироко учество. Нашето барање ќе го поднесеме на писмено и се надеваме дека ќе ни биде прифатено“, вели Билјана Ивановска од „Шанса за Центар“.
Независните иницијативи бараат во иднина прецизно и јасно да се именуваат независните листи на гласачкото ливче и наместо да стои група избирачи, да стои името на независната група. Тие очекуваат да се прецизира прагот потребен за собирање потписи во согласност со меѓународната практика, но и продолжување на рокот за собирање потписи, кој во развиените земји е речиси двојно подолг од нашиот. Граѓанските листи треба да добијат и рамноправност во рекламирањето со останатите политички субјекти во распределбата на средства за изборните кампањи, а законот за финансирање на политички партии да се преименува во закон за финансирање на учесниците во изборниот процес и финансирањето да се определува согласно процентот на добиени гласови и освоени советнички или пратенички места.
„Треба да се обезбеди фер конкуренција, бидејќи изборите се финансираат од буџетот на сите граѓани. Ние со нашата поддршка што ја добиваме во низа на локалните избори бележиме постојан раст и сметаме дека нашиот глас треба да се слушне и почитува. Очекувам дека ќе имаме разбирање од министерот за правда, бидејќи ова е во насока на јакнење на духот на демократијата и е содржано во препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Бараме фер настап на изборите, фер застапеност во медиумите и фер распределба на средствата“, рече Иванова.
Искуството од локалните избори, кога се поднесуваа измени на Изборниот законик во последен момент на веќе распишани локални избори, според Јана Белчева наложува независните иницијативи да мораат да учествуваат во процесот на измени на Изборниот законик за да не се дозволи политичките учесници да го монополизираат просторот на делување.
„На граѓаните треба да им се овозможи да имаат свои независни претставници, бидејќи според македонскиот Устав, секој граѓанин има право да бира и да биде избран. Ние го застапуваме првенствено интересот на граѓаните и мислам дека институциите и министерот мора да имаат разбирање“, рече Белчева.
