Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Артан Груби ќе остане во куќен притвор и во наредниот период, откако Основниот кривичен суд во Скопје ја продолжи мерката за уште 30 дена, по предлог на Обвинителството.
Од Судот информираат дека мерката се спроведува со електронски надзор, додека истрагата за случајот продолжува.
Груби е осомничен заедно со поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, за проневера во износ од околу осум милиони евра, поврзана со набавка на ВЛТ-апарати.
По повеќе од една година недостапност за органите на прогонот, Груби беше уапсен во февруари на граничниот премин „Блаце“. По неговото приведување и сослушување во обвинителството, судот наместо претходно определениот притвор во отсуство, му изрече куќен притвор, повикувајќи се на безбедносни причини.
Тогаш од Обвинителството појаснија дека одлуката се темели на безбедносна проценка на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, според која во притворското одделение на затворот „Скопје“ не можело да се обезбеди соодветна заштита за Груби. Овие наоди, како што наведуваат, биле презентирани и пред судијата во претходна постапка.
Постапката за случајот е во тек и се наоѓа во истражна фаза.
