Министерот за здраство, Азир Алиу денеска во соопштение објави дека Клиничката болница во Тетово ќе се реконструира целосно преку инвестиција вредна 74 милиони евра. Тој посочи дека проектот ќе се финансира преку државни и средства од меѓународни финансиски институции со што трајно треба да се променат здраствените услуги во Полошкиот регион.
„Сите постојни објекти ќе бидат целосно реконструирани и модернизирани, ќе се опремат со современа медицинска технологија и опрема, објектите ќе се поврзат со функционални топли коридори, за безбедно и ефикасно движење на пациентите и персоналот,
ќе се изградат две нови современи згради, и сите здравствени услуги ќе се реорганизираат во интегрирана и компатибилна инфраструктура“, информира Алиу.
Целта е, како што вели тој, да се создаде нова регионална установа каде секој граѓанин од Полошкиот регион ќе добива квалитетни услуги навремено.
Според него, проектот има важна развојна компонента бидејќи професорите и студентите по медицина на Универзитетот во Тетово ќе добијат квалитетни услови за работа и пракса според стандардите на модерното здраство.
„Ова е нашата визија за здравството: од раздвоени и амортизирани објекти, кон интегриран, функционален систем подготвен за иднината. Од систем што доцни, кон систем што реагира навреме. Овие проекти се витални за здравствениот систем и ние што ги реализираме, со право ќе се гордееме со нив цел живот“, се вели во соопштението.
