Над 200 млади од различни градови, заедници и организации ја усвоија Младинска декларација за инклузивно владеење и градење мир и испратија порака дека младите бараат реално учество во носењето одлуки, функционални институции и конкретни услови за достоинствен живот и иднина во Македонија.
Декларацијата беше усвоена на Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“, кој се одржа во Ботаничката градина на Природно-математичкиот факултет во Скопје и обедини млади луѓе, институции, локални самоуправи, граѓански организации и меѓународни партнери.
„Документот претставува заеднички повик за посилна имплементација на Законот за младинско учество и младински политики, функционални локални младински совети, поголема институционална отчетност и вистинско вклучување на младите во креирањето политики и локалните приоритети“, информираат од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА.
Во декларацијата младите бараат мирот и социјалната кохезија да се третираат како секојдневна одговорност што се гради во училиштата, заедниците, младинските простори и локалните средини. Документот повикува и на создавање безбедни и достапни простори за младинско организирање, култура, креативност и слободно изразување, како и поголема поддршка за менталното здравје, медиумската писменост, претприемништвото и локалните можности за развој.
Особен акцент е ставен на потребата младите да бидат препознаени како рамноправни партнери во процесите на одлучување, а не само како формално консултирани чинители. Во декларацијата се бараат транспарентни институции, редовни младински консултации и механизми преку кои младинските препораки реално ќе влијаат врз политиките и буџетите.
Декларацијата беше потпишана од над 200 млади присутни на форумот и поддржана од локални и национални институции како заедничка заложба за поинклузивни и одговорни младински политики.
„Младите се движечка сила на секоја промена и затоа е важно да бидат информирани, едуцирани и активно вклучени во општествените процеси. Потребна е граѓанска едукација која им ја враќа моќта на младите да учествуваат и да бараат промени. Воедно, важно е да ја надминеме воздржаноста кај младите за јавно ангажирање и да ги охрабриме гласно да се борат за своите основни права – чист воздух, вода и здрава животна средина“, изјави Анастасија Павловска, модераторка на зоната Грин војсес корнер.
„Кога младите го започнуваат денот исцрпени од доцнења, преполни автобуси и непредвидливи линии, тогаш зборуваме за системски проблем што директно влијае врз нивниот пристап до образование и можности. Ако образованието е право, тогаш патот до него не смее да биде секојдневна пречка.“ порача Лејла Бекири, модераторка во Хабот за култура и идентитет.
„Нашата генерација не смее да биде само сведок на состојбите, туку мора да биде дел од нивното менување. Останувањето има смисла само ако значи учество, одговорност и борба за подобро општество,“ рече Борјан Ефтимов.
Форумот беше организиран од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, и со поддршка на RYCO – Регионалната канцеларија за младинска соработка.
