Иницијативите за блокирање на бугарско-македонската граница се контрапродуктивни и би можеле да му наштетат на ставот на Бугарија во односите со Македонија. Ова го изјави министерката за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Според неа, ваквите иницијативи не се поврзани со активностите на бугарската влада и не придонесуваат за заштита на националниот интерес, по што организаторите Фондацијата Македонија го одложи протестот што требаше да се случи во недела, на трите гранични премини Деве Баир, Делчево и Ново Село, пишуваат бугарските медиуми.
„Разбирам дека постои можност невладините организации или други структури да организираат вакви настани, но од наша страна е важно да одржиме многу цврста позиција со јасно изразени права за кои се залагаме“, рече Петрова.
Таа нагласи дека Бугарија нема интерес за ескалација на тензиите со соседната земја, по палењето на две дипломатски возила што се случи пред бугарската амбасада во Скопје.
„Нема потреба дополнително да се влегува во каналот на ескалација и да се одговара на секој случај во кој има таква провокација“, истакна министерката за надворешни работи.
Според Петрова, земјата има доволно дипломатски механизми преку кои може да ги заштити правата на Бугарите во Македонија и да ги брани своите позиции пред европските институции.
И амбасадата на Бугарија во Скопје повика на спречување на блокирање на граничните премини и патиштата меѓу Бугарија и Македонија. Апелот беше објавен на официјалната Фејсбук страница на дипломатската мисија, потпишана од бугарскиот амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков.
