Пари, подароци, ваучери пред услуга, упатување на приватен термин, наплата на бесплатни услуги, препорака на конкретни лекови, лсборатори и аптеки. Ова се формите на корупција застапни во здравството, а за кои денеска на брифинг со новинарите информираа во ЕСЕ, Здружението за еманципапција, солидарност и еднаквост на жените. Нивното истражување, во кое учествувале 410 здравствени работници и 21 директор на јавно-здравствени установи, покажало дека речиси 84 отсто од здравствените работници сметаат дека корупцијата е делумно или многу распространета во секторот во кој работат, но само 14 проценти од нив признаваат дека биле лично вклучени или сведочеле на коруптивен чин во нивната установа.
Здравствените работници се свесни за присуството на корупцијата, но најголем дел од нив ја прифаќаат како нормализирана појава и не пријавуваат.
„Повеќе од 74 отсто од испитаниците кои имале искуство со корупција, рекле дека најчеста форма на корупција е директното примање пари од пациентите или нивни блиски. Потоа следуваат примањето подароци, упатувањето на преглед на приватно, препорака за купување конкретен лек и наплатувањето услуга која треба да биде бесплатна во јавното здравство. Корупција најчесто се бара или нуди за побрз термин за преглед кај специјалист или специфична медицинска услуга, прием кај конкретен доктор и добивање болнички кревет или операција без чекање со месеци. Истражувањето покажува дека корупцијата во здравството не треба да се гледа само како индивидуален случај на поткуп. Таа е поширок системски проблем, кој е поврзан со пристапот до здравствени услуги, со односите на моќ во институциите, со безбедноста на пациентите и здравствените работници, но и со довербата во системот“, вели Борјан Павловски, координатор за јавно здравје и женско здравје во ЕСЕ.
Според наодите, посебно загрижува присуството на неформални плаќања за гинеколошко-акушерски здравствени услуги. Со поткуп најчесто односно во повеќе од 50 отсто од случаите се „купува“ породување со царски рез без медицинска индикација, како и изборот на конкретен гинеколог или тим за породување.
„Кај гинеколошко-акушерските услуги, здравствените работници како посебно изложени ги издвојуваат бремените малолетнички под 18 години, жените без здравствено осигурување, Ромките, жените од рурални средини, жените со попреченост, мигрантките, бегалките и ЛГБТИ жените. Ова значи дека корупцискиот ризик не е ист за сите пациентки. Тој е поголем кога пациентката има помала моќ,
помалку информации, ограничен избор и поголема зависност од системот“, рече на брифингот Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на Здружение ЕСЕ.
Исто така истражувањето покажало и присуство на барање или очекување интимна услуга во замена за здравствена услуга, документ или напредување во кариерата.
„Секој петти здравствен работник слушнал или дознал дека колега или колешка побарале или очекувале сесксуална услуга од пациенти. Но, сексторцијата е присутна и внатре во здравствените установи, имајќи предвид дека 6,3 отсто од здравствените работници биле изложени на притисок, недолични коментари или барања од сексуална природа од колега, колешка или претпоставен. Еден од главните заклучоци на истражувањето е дека во здравствените установи јасно изразена антикорупциска култура. Само седум отсто од оние кои имале сознанија за корупција, го пријавиле случајот. Останатите игнорирале или одбиле корупција без да пријават. Причините за ваквиот одност се системски и конзистентни односно недоверба дека нешто ќе се промени (55%), страв од последици или нарушување на колегијалните односи (56%), недостиг од докази (36%) и перцепција дека случајот не е доволно сериозен“, беше кажано на брифингот.
Постои недостиг на подготовка на здравствените работници за препознавање и постапување во случаи на корупција и сексторција. Дури 77,6 отсто никогаш немале обука на оваа тема, а во терцијарното здравство овој процент изнесува 82 отсто.
Здравствените работници што учествувале во истражувањето кажале дека за борба против корупцијата неопходни се системски мерки, како заштита на пријавувачите, построги санкции и контроли, поголема транспарентност и подобри плати и услови за работа.
