Илјадници посетители уживаа на првата фестивалска вечер на Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2026
Со одлична атмосфера, преполн фестивалски простор и богата музичка програма, успешно беше отворено 16. издание на Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2026, кој и оваа година го потврди својот статус на една од најзначајните музички манифестации во регионот.
Првата фестивалска вечер, одржана на 10 јули (петок), започна со настапот на Пензионерскиот хор „Малешевска Китка“, кој беше поздравен со голем аплауз од публиката. Следуваа настапите на Кверкус Бенд и Матеј, Бојана Ѓузелова, како и енергичниот настап на Бојан и Богдан Ристиќ Brass Bend, кои ја подигнаа атмосферата до самиот врв.
Кулминацијата на вечерта беше спектакуларниот настап на балканската музичка ѕвезда Драган Којиќ – Кеба, кој со своите безвременски хитови ја воодушеви бројната публика. Фестивалската вечер беше заокружена со настапот на Brass Brothers, кои со својот препознатлив звук приредија незаборавна музичка завршница.
Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, упати искрена благодарност до сите посетители, учесници и изведувачи кои придонесоа за успешниот почеток на фестивалот.
„Од срце им благодарам на сите граѓани, гости и посетители кои со своето присуство ја направија првата фестивалска вечер вистински музички спектакл. Голема благодарност упатувам и до сите изведувачи, а особено до големата балканска ѕвезда Драган Којиќ – Кеба, кој со својот настап остави силен впечаток и приреди вечер за паметење. Фестивалот е гордост на Пехчево и продолжува да ја негува традицијата, музиката и дружењето. Ве поканувам и вечерва да бидете дел од втората фестивалска вечер, кога нè очекува уште една богата програма, врвни настапи и одлична атмосфера. Да го прославиме фестивалот заедно и да испратиме уште една прекрасна слика од Пехчево“, изјави градоначалникот Китански.
Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2026 продолжува и вечерва со нова богата музичка програма, која ќе донесе уште многу добра музика, позитивна енергија и незаборавни моменти.
Погледнете дел од атмосферата од првата фестивалска вечер, овозможено од ПЕХЧЕВО ДЕНЕС.
