Славјанка Петровска отворено проговори за своите политички амбиции и можноста еден ден да застане на чело на СДСМ, но нагласи дека во овој момент партијата има потреба од нешто многу поважно од индивидуална амбиција.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Петровска истакна дека СДСМ во актуелниот период му е потребен тим од луѓе со знаење, политички капацитет и искуство, кој ќе може да ја извлече партијата од кризата, објави 4news.mk
„Природно е да имам амбиција. И јас, за разлика од другите, ќе бидам многу искрена и ќе кажам дека да, имам, но јас не сметам дека сега треба да бидам претседател на СДСМ“, изјави Петровска.
Таа додаде дека не е пресудно дали идниот лидер ќе биде маж или жена, туку дали ќе поседува знаење, политичка зрелост и доволно искуство за да се справи со предизвиците што ја очекуваат партијата.
„На СДСМ ѝ треба човек, личност која ќе има капацитет, политичко знаење и огромно искуство да го преброди овој тежок период кој ќе дојде“, порача таа.
Со ваквата изјава, Петровска испрати порака дека иднината на СДСМ не треба да се сведува на борба за лидерска функција, туку на создавање тим и јасна политичка стратегија за обновување на партијата.
Таа откри дека иницијативата за промени во СДСМ не добила, според нејзините зборови, суштински одговор на барањата за внатрепартиски реформи.
Објасни дека дописот бил доставен до партиската архива со очекување да се отвори простор за разговори, но дека реакцијата од партијата пристигнала за помалку од еден час.
„Одговорот беше даден за помалку од еден час, со една доза на цинизам и смеење, би рекла“, изјави Петровска.
Според неа, начинот на кој било објавено писмото ја довел во прашање претходната реторика на раководството дека е подготвено за дијалог и дискусија за иднината на партијата.
Петровска посочи дека меѓу барањата биле формирање работна група што независно би го разгледала избирачкиот список, како и промени во статутот со кои би се обезбедило поголемо учество на членството во одлучувањето.
Таа додаде дека засега нема нов повик за разговори, но најави дека платформата ќе продолжи со активностите и дека наскоро ќе биде објавен следниот чекор поврзан со реформите во СДСМ.
