Тој истакна дека кога денес ги спомнуваме илинденците, кога се поклонуваме пред делото на државотворците од АСНОМ и кога ги изговараме нивните имиња, не го правиме тоа само од почит кон минатото, туку затоа што сакаме да си поставиме едно исклучително важно прашање – дали сме достојни наследници на нивната жртва и дали доволно храбро ја носиме одговорноста што тие ни ја оставија?
„Историјата не бара од нас да ги повторуваме нивните чекори. Историјата бара да ја покажеме истата храброст. Зашто секоја генерација има свој Илинден. Некои генерации се бореле против империи. Некои генерации се бореле за држава. Некои генерации ја бранеле слободата со оружје. А нашата генерација има поинаква, но не помалку тешка задача – да ја зачува државата силна, да ја направи просперитетна, да ја направи праведна и повторно да ја направи земја во која луѓето ќе веруваат дека вреди да се остане, да се работи, да се создава, да се основа семејство и да се гради иднината тука, дома, во својата татковина“, нагласи Мицкоски.
На денешниот ден, рече Мицкоски, не смееме да зборуваме само за славното минато, тоа не смее да биде место во кое ќе се засолнуваме, туку мора да биде темел од кој ќе црпиме сила за она што допрва треба да го изградиме.
„Зашто народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина. Но, народ што ја почитува својата историја, а храбро ја создава својата иднина, тој народ никој не може да го запре. А верувајте и ова го кажувам со полна вера, оваа битка на оваа генерација е последната надеж за иднината на државата. И не смее и не можеме да потфрлиме. Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, пртив многу историски одлуки за кои иако не влијаевме, беа погрешни и влијаа над нас“, рече Мицкоски.
Тој посочи оти знае дека денес Македонија не е земјата и државата за која сонувале илинденците и асномците, но нашата битка, додаде, е токму да ја вратиме таквата татковина.
„И морам да ви кажам, можеби за некого не толку доволно, но за многумина секој ден, чекор по чекор, одлучно како и во минатото, правиме дела и чекори со кои ја враќаме вербата и создаваме примери каде Македонија победува. Сетете се само пред неколку години какви беа односите на политичките сили во државата. Колку граѓаните беа мајоризирани пред налетот на разно разни интереси на политичките елити. Денес тие се длабоко во опозиција, распаднати помеѓу своите лични интереси и далеку од столчињта на власт кои ним им овозможуваа удобен живот“, истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека тие фотелјите на власт ги држеле не со поддршката од народот, туку со предавствата и отстапките кои ги правеле.
„Горчливиот пелин од тие отстапки го чувствуваме и денес, и да бидеме реални, нема Македонец кој со чувство на тегоби не се потсетува на таквите одлуки. И она што ме загрижува, наместо да имаме натпревар со идеи, концепти и предлози, се создаваат блато, составено од многу нихилизам, омраза, ширење на епидемија од дефетизам, како супстит на квалитетна понуда“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека тие на секој успех, национална и државна победа, гледаат со недоверба, а на секоја потешкотија или борба се радуваат и навиваат за неуспех.
„Да им порачам дека никогаш, никогаш нема да се откажам од борбата Македонија да ја направам подобро место за живеење. Наш дом и наша иднина. Никогаш нема да го прифатам нивното однесување на отстапки кон прашањата кои се блокада на нашиот пат кон ЕУ и никогаш нема да го разочарам народот на нашата татковина. Јас предавства на штета на државата и народот, како што се правеше во минатото, по ниту една цена нема да направам. Не паѓајте во замката на талогот кои тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не им верувајте на тој талог на неуспеси, цинизам и мразење на се што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно – да ја сочува душата, да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилната движечка сила на нашето општество“, истакна Мицкоски.

„Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ“, порача денеска премиерот Мицкоски.
Тој нагласи дека денеска не се одбележува уште еден празник во календарот на нашата држава, туку споменот за времето кое не се мери со години, туку со идеали, со жртви, со соништа и со луѓе кои знаеле дека има мигови во историјата кога човекот повеќе не живее само за себе, туку живее за народот, за својата татковина и за генерациите кои допрва ќе дојдат.
„Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, можат да бидат напаѓани, можат да бидат предавани, можат да бидат потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ. Токму затоа денес ги славиме двата Илиндена како една историска целина, затоа што Крушево и АСНОМ не се две различни приказни, туку една низа, две страници од истата книга, напишана со вера, со храброст и со непоколеблива одлучност Македонија да биде своја, достоинствена и слободна“, истакна Мицкоски.
Премиерот потсети дека во Крушево се родила идејата дека слободата вреди повеќе од животот. На АСНОМ, недалеку од ова место, во манастирот Св Прохор Пчински, потсети Мицкоски, таа идеја добила своја државотворна форма. Во Крушево, пак, дополни тој, се покажало дека народот никогаш не престанува да сонува, а на АСНОМ се покажало дека народот кој не престанува да сонува, знае и да создава.
„Два маркантни ликови ги водеа овие два процеси. Претседателот на славната Крушевска Република Никола Карев и првиот претседател на АСНОМ Методија Андонов Ченто. И делегатите на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година го побарале својот темел, основата на која ќе ја градат македонската држава и таквата цврста подлога ја пронашле 41 година наназад, во македонскиот Илинден 1903 година, на темелите на борбата на комитите и војводите кои 4 децении пред нив го развеале знамето на Крушевската Република и се бореле за слободна и автономна Македонија чиј патрон е организацијата ВМРО“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во моментите кога асномците во манастирот Св. Прохор Пчињски ги изгласувале основачките акти, решенија и одлуки кои ја дефинирале тогашната македонска државност, тие биле свесни дека историскиот континуитет со 2 август 1903 година е од суштинско значење за градењето и зацврстувањето на македонскиот национален идентитет и затоа поврзувањето на двата Илиндена јасно го запишале во документите како еден од најглавните столбови на Асномска Македонија.
„Декларацијата за основните права на граѓаните во Македонија била изгласана по примерот на Француската револуција од 1789 година и таа ги регулирала слободата на говорот, правото на национална припадност, правото на движење, правото на глас, за прв пат и правото на глас на жените, правото на вероисповед и правото на приватна сопственост. Со овој документ, АСНОМ пред македонскиот народ и останатите националности во Македонија ја претставувал новоформираната држава не само како држава со социјалистичко општествено уредување- со доминантна комунистичка идеологија, туку и како држава со примеси на граѓанско политичко уредување“, рече Мицкоски.
Автор на овој значаен документ, додаде тој, бил Владимир Полежиновски, доктор по правни науки и еден од делегатите со највисоко образование кој бил и еден од авторите на поголемиот дел од документите изгласани и усвоени на Првото заседание на АСНОМ
Антифашизмот, рече премиерот, станал трајна македонска определба, а благодарение на политиките на тогашното македонско воено- политичко раководство во Македонија била избегната идеолошка граѓанска војна со крвави последици, нешто што се случувало на поранешните југословенски простори за време на Втората светска војна.
„Асномците, македонските борци за слобода во НОБ со одлуките и решенијата на 2 август 1944 година, потврдија и трајно запечатија и уште еден историски факт, кој не може да го побие или негира ниту еден фактор, држава или историографија: Македонското народно ослободително движење во текот на Втората светска војна, македонските партизани, македонската војска, сама, со сопствени сили, без ничија помош од надвор ја ослободи Македонија од окупаторите и со тоа го верификуваше автохтониот, самостоен карактер на македонската државност. Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор, македонскиот народ и сите националности, сами се изборија и ја извојуваа македонската државност и ги остварија вековните идеали на ајдутите, комитите, војводите, партизаните и на сите знајни и незнајни борци низ децениите наназад“, истакна премиерот во обраќањето во Пелинце.
