Денес официјално започнаа градежните работи за реализација на проектот „Изградба на атмосферска канализација на улица „Илинденска“ со краците „Мирче Ацев“ и „Даме Груев“, еден од значајните инфраструктурни проекти на Општина Пехчево, чија цел е подобрување на системот за одведување на атмосферските води и зголемување на безбедноста и квалитетот на живот на граѓаните.
Со реализацијата на проектот ќе се изгради современ систем за атмосферска канализација кој ќе овозможи ефикасно прифаќање и одведување на дождовните води, ќе го намали ризикот од поплавување на коловозите и околните површини и ќе придонесе за поголема заштита на инфраструктурата и имотот на жителите.
Проектот ги опфаќа улица „Илинденска“, како и нејзините краци „Мирче Ацев“ и „Даме Груев“, каде што ќе се изведуваат земјени работи, поставување на канализациона мрежа, ревизиони шахти и останати градежни активности предвидени со проектната документација.
Поради изведувањето на градежните работи, улица „Илинденска“ ќе биде целосно затворена за сообраќај во периодот од 4 до 18 август 2026 година, а сообраќајот ќе се одвива по алтернативни правци.
Од Општина Пехчево апелираат до граѓаните да ја почитуваат поставената привремена сообраќајна сигнализација и насоките на надлежните служби, со цел работите да се реализираат безбедно и во предвидениот рок.
„Продолжуваме со инвестиции во современа и квалитетна комунална инфраструктура. Изградбата на атмосферската канализација на улица „Илинденска“ претставува долгорочно решение за проблемите со одведување на атмосферските води и значително ќе ги подобри условите за живеење на граѓаните од овој дел на градот“, истакнуваат од Општина Пехчево.
Општина Пехчево им се заблагодарува на граѓаните за разбирањето, трпението и соработката за време на реализацијата на проектот, кој претставува уште еден чекор кон создавање поквалитетна, побезбедна и пофункционална урбана средина.
Започна изградбата на атмосферската канализација на улица „Илинденска“ во Пехчево
2 Mins Read
Поврзани вести
Најнови информации
Добивајте ги најновите креативни вести од Малеш.
© 2026 MaleshMK. Designed by MKNet.
