Денеска се навршуваат 116 години од раѓањето на Мајка Тереза, родена како Гонџа Агнес Бојаџиу во Скопје на 26 август 1910 година.
По тој повод, денеска во Скопје ќе се одржат повеќе активности посветени на нејзиниот живот и дело. Владина делегација, предводена од првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на местото каде што се наоѓала нејзината родна куќа, во центарот на градот. По оддавањето почит, Сали ќе даде изјава за медиумите.
Централното одбележување ќе се одржи во Музејот на современата уметност, под покровителство на Сали, а на настанот ќе присуствува и премиерот на Косово, Албин Курти.
Мајка Тереза е родена на тогашната улица „Поп Кочина“ број 14, на просторот каде што денес се наоѓа плоштадот „Македонија“. Таа била најмладото дете во семејството Бојаџиу, со постара сестра Ага и брат Лазар.
На 27 август 1910 година била крстена во католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје. Подоцна го напуштила родниот град и заминала во Индија, каде што го посветила животот на помагањето на сиромашните и најранливите.
Во 1950 година во Калкута го основала редот „Мисионерки на милосрдието“, преку кој нејзината хуманитарна работа се проширила низ целиот свет. За своето дело во 1979 година ја добила Нобеловата награда за мир. Во 2016 година Католичката црква ја прогласи за светица.
Оваа година одбележувањето има и дополнително значење бидејќи се навршуваат 10 години од нејзината канонизација. Во Скопје од денеска до 5 септември се одржува манифестацијата „Денови на Света Мајка Тереза“, со духовна, културна и хуманитарна програма.
