Тој на денешната прес-конференција рече дека одлуката од 167-та седница на Владата покажува дека за организацијата на прославата биле ангажирани средства преку АД „Државна лотарија“, компанија која е во целосна државна сопственост.
Како што рече Филипче, бидејќи АД „Лотарија“ е во стопроцентна сопственост на државата, средствата со кои располага компанијата се средства што им припаѓаат на граѓаните. Лидерот на СДСМ побара Владата да објасни зошто премиерот тврдел оти за прославата не биле потрошени народни пари.
Според него, спорна била и постапката преку која бил избран организаторот на настанот. Тој тврди дека „Лотарија“ распишала јавен повик, а не класична тендерска постапка. На ваков начин, смета, можно е да имало прекршување на Законот за спонзорствата. Праша зошто во постапката биле поканети само домашни компании, а не и странски, како и врз основа на кои критериуми била избрана компанијата што го организирала настанот.
Исто така, рече, проблематично е што евалуацијата ја спроведувала комисија составена од надворешни членови, за кои, како што рече, никој не знае кои се.
„Не знаеме кои се тие луѓе што одлучувале за 5 милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата што го организирала настанот“, рече Филипче.
Побара и одговор колку точно пари добиле учесниците и сите ангажирани лица за прославата.
Покрај овие прашања, лидерот на СДСМ рече дека овие средства во висина од пет милиони евра можеле да се искористат за подобрување на состојбите во здравството, земјоделството, образованието, за покачување на пензиите или на минималната плата.
Од СДСМ бараат Владата да ги објави критериумите, одлуките и целокупната документација поврзана со издвојувањето и трошењето средства за прославата, како и да даде одговор кој и колку средства добил за организацијата на настанот.
