Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау, на која присуствувале и Брендан Харнахан, помошник-државен секретар за Европа, и Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа.
Како што информира Мицкоски, на средбата се разговарало за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, можностите за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашања од заеднички интерес.
Во фокусот биле и економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста во регионот, како и улогата на Македонија како членка на НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност.
Мицкоски посочи дека во услови на сериозни геополитички предизвици и промени во меѓународните односи, за Македонија е од особено значење да одржува силни и стабилни односи со своите стратешки партнери.
„Македонија денес настапува со јасно дефинирани државни интереси и со определба тие интереси достоинствено и аргументирано да ги застапува пред своите партнери“, порача премиерот.
Тој нагласи дека директниот и отворен дијалог со американската администрација е значаен за претставување на позициите на земјата и за слушање на македонските интереси во разговорите за важни регионални и глобални прашања.
„Нашата политика е политика на достоинство, принципи и заштита на државните интереси. Пријателствата не се градат со зборови, туку со доверба. Партнерствата не се мерат со протокол, туку со дела“, наведе Мицкоски.
