По прекинот на работењето на досегашниот превозник „Авто Атом“ на релацијата Кочани – Скопје, компанијата „Андон Компани“ од Пехчево презеде дел од автобускиот превоз меѓу двата града.
Информацијата ја потврди сопственикот на компанијата, кој ја извести редакцијата на Радио Кочани дека од 20 септември наваму „Андон Компани“ организира превоз на патници на оваа линија.
Во моментов компанијата одржува три линии меѓу Кочани и Скопје. Поаѓањата од Кочани се реализираат од градската Автобуска станица во 6:45 часот, при што едниот автобус сообраќа директно до Скопје, а второто возило се движи по трасата преку Штип и Велес.
Во попладневните часови се обезбедени две поаѓања од Скопје кон Кочани. Првиот автобус тргнува во 14:00 часот од Автобуската станица Скопје и сообраќа директно до Кочани, додека второто поаѓање е во 15:45 часот, со рута преку Велес и Штип.
Со воспоставувањето на овие линии, на граѓаните повторно им е овозможена редовна автобуска врска меѓу Кочани и главниот град, откако останаа без превоз по повлекувањето на „Авто Атом“ од оваа релација.
