„Зелен хуман град“ реагира на носењето на измените на Законот за животна средина кои, велат, ќе имаат девастирачки последици врз животната средина, здравјето на луѓето и целиот жив свет во земјава.
Под превезот на „поедноставување“, Министерството за животна средина и владата предлагаат бришење на клучните механизми за идентификација, управување со и санација на контаминираните подрачја, со што фундаментално ја ослабуваат заштитата од индустриското и рударското токсично наследство. Истовремено, дозволуваат реконструкции на тешка и загадувачка индустрија на растојание помало од пет километри од населени места и заштитени подрачја – забрана која постоеше со години! Укинуваат задолжително снимање на јавните расправи, ги ослабуваат гаранциите за електронска достапност на документацијата, а задолжителните институционални мислења за индустриската безбедност ги заменуваат со комисија избрана од министерот, велат од Зелен хуман град.
Посочуваат дека и покрај штетните измени за нив гласале осум пратеника во Комисијата за европски прашања и во Законодавно-правната комисија и дека ниту еден од пратениците не гласал против ова законско решение.
Како и секогаш, на почетокот на предлог-измените стои дека штетните измени на Законот за животна средина не предизвикуваат никакви фискални импликации по буџетот на РМ. Вистината е дека импликациите се несогледливи бидејќи цената е нашето здравје, велат од Зелен хуман град.
За овие измени реагираше и „Левица“. Нејзиниот пратеник Сашко Јанчев од собраниската говорница рече дека се овозможува реконструкција на инсталации од тешка индустрија на растојание помало од пет километри во населени места.
Таман во 2022 година се успеа во Законот за заштита на животната средина да се стави забрана за изградба и реконструкција на инсталации од тешка загадувачка Г1 индустрија на растојание помало од пет километри од населени места, сега процесот со Предлог-законот се враќа назад. Во превод, тоа значи дека на Усје, кое треба да се затвори или да се дислоцира, му се овозможува да си прави бесконечни реконструкции и станува збор за Усје кое знае од Скопје да направи Мордор – ниту да се гледа, ниту да се дише, укажа пратеникот Сашко Јанчев на денешната собраниска седница.