Жителите на десет населени места во Општина Брвеница денеска избираат нов градоначалник на предвремени локални избори. За функцијата се натпреваруваат шест кандидати, а право на глас имаат 16.256 избирачи.
Избирачките места се отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот. Од вкупниот број запишани гласачи, 449 се на привремена работа во странство, додека девет лица се наоѓаат во затвор или во притвор.
Во трката за градоначалничката функција учествуваат кандидати од четири политички блока и двајца независни кандидати. Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, го кандидира Стојанчо Радически, додека кандидат на коалицијата предводена од СДСМ е Јовица Радески.
Меѓу кандидатите се и независниот Душан Богдановски, Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ, независната кандидатка Арифе Идризи и Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ).
Изборите беа распишани по смртта на градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава на 58-годишна возраст. На функцијата како вршител на должноста беше Роберт Милошески.
Мнозинско резидентно население во Брвеница, според етничката припадност, се Албанците (54,06%), по што следат Македонците (45,38%). На локалните избори во 2021 и 2025 г. победи кандидат Македонец.
