Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги соопшти конечните резултати од првиот круг на предвремените локални избори во Брвеница. Во законски утврдениот рок, не е поднесен ниту еден приговор.
Во трката за градоначалник во вториот круг влегуваат кандидатот под реден број 1 Стојанчо Радичевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот под реден број 6 Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција.
Истекоа двата рока за поднесување приговори, и оној за постапката на гласањето, кој истече вчера во 19 часот, и оној за постапката за утврдување и сумирање на резултатите од гласањето, кој беше до денеска во 12:30 часот. До истекувањето на овие два рока ниту еден приговор не беше поднесен до Државната изборна комисија, изјави денес претседателот на ДИК Бојан Маричиќ.
Вториот круг на изборите ќе се одржи на 1 ноември.
