Во периодот од 4 до 10 август, Управата за јавни приходи (УЈП) спровела 383 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, шанкови на плажа, хотели, бутици, колонијали, цвеќарници, месарница, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало. При контролите во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, констатирано е дека 27 отсто, односно 106 субјекти не издавале фискални сметки.
„За утврдените неправилности донесени се 106 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот. За пет субјекти поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување). Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата. Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска, туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување“, наведено е во соопштението на УЈП.