Европската Унија додели 80 милиони евра помош за граѓаните на Северна Македонија за ублажување на енергетската криза, но дел од тие средства, наместо кај домаќинствата, завршиле во касата на државната компанија ЕСМ, покажува истражувањето на граѓанската мрежа „Бенквоч“, објави Радио Слободна Европа. Наместо како директна помош за домаќинствата, дел од парите се слевале кон државната компанија ЕСМ, покажува истражувањето на граѓанската мрежа „Бенквоч“. Истовремено, на сметките се прикажуваа субвенции и до 90 отсто, а цената останувала иста.
Како што пренесува медиумот, во текот на една година, Владата предводена од СДСМ и ДУИ инкасирала 72 милиони евра европска помош за справување со енергетската криза, но каде точно завршиле тие пари, засега јавноста не знае, според новото истражување на граѓанската мрежа „Бенквоч“. (CEE Bankwatch Network). Станува збор за пари од Европската Унија добиени во рамки на Годишниот акциски план за енергетика кој Северна Македонија го потпиша на почетокот на 2023 година, а преку кој земјите од Западен Балкан добија парична помош од една милијарда евра.
РСЕ објавува дека според планот, парите требало да стигнат директно до граѓаните како субвенции за сметките за струја, особено до најранливите категории, но наместо тоа, дел завршиле во државната компанија АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).
Според Бенквоч спорно е тоа што, иако Владата тогаш тврдеше дека средствата се користат за субвенционирање на струјата, граѓаните и понатаму ги добивале истите сметки пресметани според тогашните тарифи на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Во тој период, сметките за струја содржеа табела во која Владата тврдеше дека преку ЕСМ субвенционира над 70 проценти, некогаш и до 90 проценти, од потрошената електрична енергија на граѓаните.
Тогашната Влада велеше дека ако не биле тие, сметките ќе биле уште повисоки, но реалноста, според истражувањето на Бенквоч, била сосема поинаква – износите на сметките за струја останувале исти, а цената по која плаќале граѓаните била според тарифите утврдени во Регулаторната комисија за енергетика.
„Северна Македонија значителен дел од средствата го пренасочи кон државните енергетски компании, наместо кон ранливи категории. Само 4,8 милиони евра биле искористени за директна поддршка. Тоа значи дека над 90% од помошта завршила надвор од рацете на граѓаните“, наведено е во извештајот.