Дополнително, премиерот како и директорот на АНБ во понеделникот јавно упатија повик до Јавното обвинителство да реагира и да го расчисти случајот за овие наводи, велат од ЗНМ и ССНМ.
„Сметаме дека секое незаконско следење може да претставува сериозна закана за слободата на медиумите и за правото на јавноста да биде информирана. Воедно потсетуваме дека и новата регулатива на Европскиот парламент, Европскиот акт за слобода на медиумите (ЕМФА), јасно забранува какво било незаконско следење на новинари и предвидува обврска на државите членки и земјите кандидати да обезбедат ефективна заштита од вакви практики. Ваквите случаи, доколку се основани, оставаат чувство на несигурност меѓу новинарите и ја нарушуваат довербата во институциите. Од тие причини, повикуваме надлежните органи да постапуваат итно и исклучиво врз основа на закон со цел да овозможат целосна транспарентност и отчетност во интерес на јавноста. Очекуваме обвинителството и судството да постапат одговорно и без одлагање, со цел да ја заштитат слободата на медиумите и да обезбедат правна сигурност за сите новинари и медиумски работници во земјата. Истовремено, бараме од политичките партии и носителите на високи јавни функции да се воздржат од изјави и меѓусебни препукувања, во кои користат новинарски имиња бидејќи со тоа можат да ја продлабочат поларизацијата во општеството и да поттикнат говор на омраза насочен кон новинарите. Потсетуваме дека скандалот со масовното незаконско прислушување од 2015 година, кога беше објавено дека биле нелегално следени комуникациите на илјадници граѓани, меѓу кои и на голем број новинари, сè уште нема добиено соодветна судска разрешница и покрај напорите на еснафските новинарски здруженија. Речиси десет години подоцна, дел од постапките се одолговлекуваат или завршуваат без правосилни пресуди, а новинарите кои беа директно погодени сè уште ја чекаат правдата. Ова уште еднаш ја потврдува потребата институциите да дејствуваат итно, независно и без политички влијанија. ЗНМ и ССНМ остануваат подготвени да обезбедат правна помош и поддршка за сите евентуално оштетени новинари или оние чии права биле прекршени. За развојот на овој случај ќе биде информирана и Европската федерација на новинари (ЕФЈ), каде што двете организации се полноправни членки“, реагираат од ЗНМ и ССНМ.