Во рамки на проектот Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од врвните универзитети во САД и Англија, како и од областа на правото во Франција и Германија, за кои во периодот од 2012 до 2021 година се исплатени повеќе од 13 милиони евра, ревизорите утврдиле значајни недостатоци во управувањето со набавените книги, наведено е во новиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој се однесува на неправилното користење на јавните пари во Министерството за образование и наука (МОН).
„Книгите сè уште не се дистрибуирани до државните органи, не се води целосна евиденција за прием и издавање на книгите од магацин, ниту е извршен редовен попис. Дополнително, условите за чување се несоодветни, што довело до оштетување на дел од книгите поради влијанија од влага и температурни промени“, се наведува во извештајот од ревизорите.
Со извршената ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на МОН за 2023 година утврдени се слабости во управувањето со капиталните инвестиции, недовршени објекти и неизвршени технички прием, несоодветно користење на средства за учебници за основно образование, како и ненаплатени побарувања по основ на студентски кредити стари повеќе од една деценија.
„Со ревизијата утврдено е дека и по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентските кредити доделени во периодот од 1998 до 2010 година, во износ од приближно 18.000.000 евра, евидентирани како „Долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата“. Во однос на Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност. Плус, не бил уреден начинот и постапката за распределба на буџетските средствата, ниту критериумите врз основа на кои бил извршен изборот на проекти за изградба и реконструкција на училишни објекти“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Студентскиот дом во Тетово пуштен во употреба без технички прием
Слични слабости се утвредени и во реализацијата на капиталните проекти во високото образование. Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово изграден со буџетски пари, во износ од 3.450.000 евра, а е пуштен во употреба без извршен технички преглед на градбата и без одобрение за употреба на објектот.
„Набавената опрема за кујната во домот поради неизведената вентилација, не е ставена во употреба, што значи дека и покрај вложените пари, дел од објектот не може функционално да се користи за намената за која е предвиден“, наведено е во извештајот.
Во 2023 година, за стипендии на студенти запишани на еден од првите 100 универзитети во странство биле исплатени 2.920.000 евра. Со ревизијата било утврдено дека не постои воспоставен систем за ангажирање на овие лица по завршувањето на студиите, со што не се обезбедува ефекасно користење на вложените средства за оваа намена.
„Ревизорите утврдија слабости и во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки за капитални инвестиции на Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово, Средното стручно образование и Обука ,,Ванчо Питошески”, Охрид и ОУ „Мирче Ацев“ – с. Лажани, кои се реализирани преку сметката на основен буџет и сметката за средства од буџет на заеми – Проект за изградба и опремување на 145 училишни сали и рехабилитација на основни и средни училишта“, стои во извештајот.
Учебници се уредувале по два пати по повисоки цени
Со ревизија на набавките за превод, стручна редакција, графичко и техничко уредување на учебници за основно и средно образование за учебните 2022/2023, 2023/2024 и 2024/2025 години, утврдено е дека учебниците на македонски јазик, откако еднаш биле графички и технички уредени, по преводот на четирите јазици повторно се уредуваат. Цената по страница за оваа услуга е повисока од онаа за превод, лектура и редакција.
„Иако учебниците кои МОН ги доставува на економскиот оператор на стручна редакција, графичко и техничко уредување веќе биле уредени од авторите (посебно кај ракописите/учебниците за основно образование), операторот наплатува по број на страници според договорената цена од јавната набавка, наместо само за реално уредените страници, што води до несоодветно трошење на буџетски средства. Ваквата пракса се применува со години, бидејќи МОН делувал како издавач иако нема регистрирана издавачка дејност“, пишува во извештајот.
Во него пишува дека се констатирани и потенцијални финансиски ризици поврзани со тековните судски постапки во кои МОН е тужена страна, како и на исплати за графичко и техничко уредување и превод на учебници кои претходно како материјали за учење веќе биле графички и технички уредени, иако учебниците не се разликуваат од материјалите за учење во своето графико уредување.
„За овие услуги, во 2021 година биле исплатени приближно 412.000 евра, преку проектот за Подобрување на услугите во основното образование, а во 2022 година приближно 90.000 евра преку сметката на основен буџет“, се додава во ревизорскиот извештај.
Блок дотации се делат без реални критериуми
Во делот на нагласување на прашања со ревизијата обелоденети се одредени состојби и тоа – распределбата на блок дотациите за основно и средно образование се врши во услови на oтсуството на реални критериуми со што се доведува во прашање обезбедувањето на средствата за ефикасно и непречено извршување на пренесените надлежности и редовно сервисирање на обврските на училиштата.
„Освен тоа, започнатите градежни активности за изградба на објектите за Факултет за физичко образование, спорт и здравје и Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Скопје за кои во периодот 2016-2019 година исплатени се средства во вкупен износ од приближно 2.920.000 евра, уште се соочуваат со неизвесност за нивното завршување. Врз основа на извршена анализа согласно проектите и извршена проценка за завршување на објектите ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства, приближно 21.950.000 евра и очекуван рок од три години“, пишува во извештајот.
За надминување на констатираните состојби, ревизорите им дале препораки на одговорните во МОН за да преземат мерки и активности со кои ќе се подобрат овие состојби.