Полицаец од Чаир подигнал 11 туѓи лични карти и не ги доставил до граѓаните чија сопственост се. Тој ќе одговара за кривично дело несовесно работење во службата, а ќе биде и суспендиран од работа додека се води дисциплинска постапка по него.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, поднесена е кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против Д.С., кој работи како полицаец во полициска станица Чаир во Скопје.
Тој како службено лице во просториите на Одделението за управни работи Скопје се потпишал и подигнал 11 лични карти и список-извештај за скенирани лични карти за лица кои живеат во Општина Чучер Сандево, но не ги доставил во подрачната полициска станица во Мирковци за граѓаните да можат да ги ги подигнат, ниту пак пријавил дека недостасуваат. Со тоа на граѓаните им причинил материјална штета и им го ограничил правото за користење и за навремено изготвување и подигање на личните карти.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против полицискиот службеник ќе поднесе предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки одземање на службеното оружје и муниција и да се отстрани од работното место- суспендира до завршување на дисциплинската постапка, информираат од МВР.