Во Скопје официјално беше отворен простор за цртање на платно и дегустација на вино, сместен кај „Едера руфтоп“.
Зад овој свеж и инспиративен проект стои млад ентузијаст – тој има 25 години и со поддршка од семејството и од девојката создаде нешто што ѝ недостигаше на уметничката и на социјалната сцена во градот.
„Сакавме да создадеме простор, каде што луѓето ќе може да се опуштат, да го променат своето секојдневие и да ја изразат својата креативност без притисок, сето тоа со чаша квалитетно вино во рака“, вели тимот на Art Room.
Идејата е едноставна, но моќна: резервираш термин, доаѓаш без потреба да знаеш да црташ, а професионален уметник те води низ процесот додека се опушташ со вино и музика. Секоја сесија трае 2 и пол часа, а темите се менуваат месечно и се најавуваат однапред.
Вината се внимателно избрани – од македонското на „Тиквеш“, Special Selection, па сè до етикети од Италија, Франција и од Шпанија.
Она што го издвојува овој концепт е неговата мултифункционалност: покрај редовните термини, просторот може да се изнајми за родендени, team buildings и за приватни забави, a за време на викендите просторот ќе може да се резервира дури и за најмладите: нудат детски креативни сесии со времетраење од 2 часа, сокчиња наместо вино и многу бои. Родителите може да бидат присутни за време на овие сесии доколку сакаат или, едноставно, може да ги остават децата да уживаат во уметноста.
„Имаме и креативен ѕид, каде што секој може да напише како се чувствува тој ден, има и мало катче за одмор и шанк за оние што сакаат да наздрават со уште една чаша вино“.
Свеченото отворање на Art Room беше проследено со позитивна енергија, насмевки, музика и инспирација.