Како што информираат од Министерството за одбрана, Мисајловски порачал дека академијата „изминатите 30 години прераснала во значајна високообразовна институција во државата и во регионот“, а успехот го припишал на посветеноста на образовниот кадар кој придонесува во градењето на младите питомци во професионалци подготвени и мотивирани да ја преземат лидерска улога.
„Академијата преку своите наставни програми во чии рамки се изучуваат и лидерските способности на личности како генерал Апостолски и други значајни личности од македонската историја, поставува цврсти темели за едукација на кадри подготвени да го следат заветот на нашите национални херои“, рекол министерот.
Тој се осврнал и на регионалниот карактер на Академијата, за што рекол дека „преку едукацијата на питомци од соседството се зајакнува соработката, се разменуваат искуства меѓу земјите од регионот и се промовира дијалог кој создава мрежа на идни офицери подготвени за соработка и интероперативност.“
Министерот му честитал на новиот декан на Академијата, полковникот Ненад Танески за превземањето на оваа значајна функција и му се заблагодари на досегашниот декан, полковникот Митко Богдановски за досегашниот придонес и развој на оваа образовна институција.
Полковникот Танески, пак, истакнал дека „во овие 30 години, Академијата се изградила како единствена воена високообразовна институција во државата, која поставила темели за квалитет, традиција и постојан развој“, укажувајќи на тоа дека „од првите генерации до денес, 1.234 питомци од кои 74 странци од НАТО и нашите партнери, низ својата обука и образование станаа офицери, лидери и врвни професионалци.“
Во рамките на свеченоста била промовирана и монографијата „30 години Воена академија“, како капитално дело кое ја обележува историјата и достигнувањата и придонесот на Академијата во државата и општеството.
Во моментов во тек се активностите за изградбата на нова спортска сала за потребите на Воената академија, прв објект кој се гради после 30 години и кој ќе придонесе за унапредување на условите за тренинг и развој на нашите идни офицери.