Во дворот на ООУ „Ванчо Китанов“ во Пехчево вчера,се одржа Вело Родео, настан кој ги врати детската радост и позитивната енергија, но и ја истакна важноста на одржливиот начин на живот и заштитата на животната средина.
Настанот беше организиран од Вело Училишта, со поддршка и финансиска помош од Општина Пехчево. Според организаторите, целта е најмладите и нивните семејства да го доживеат велосипедот како еколошка, здрава и забавна алтернатива за секојдневна мобилност.
– „Со Вело Родео сакаме да покажеме дека велосипедот не е само играчка, туку и најеколошко превозно средство. Детската радост и нивната вклученост денеска потврдуваат дека иднината на одржливиот транспорт почнува од најмладите,“ изјавија од Вело Училишта.
Под мотото „Играј, учи, вози!“, Вело Родео понуди богата и интерактивна програма. Децата имаа можност да ги вежбаат своите велосипедски вештини и да ги научат основните правила за безбедно возење, да се забавуваат со друштвени игри и вело меморија кои развиваат логичко размислување и моторика, а воедно и да ги проверат своите велосипеди. Тимот на BikeStore – Делoви за Велосипед обезбеди бесплатна проверка и поправка со цел секое дете да вози безбедно и без технички проблеми.
Во рамките на настанот беше организирана и изложба на детски цртежи инспирирани од темата „велосипедски град“, преку кои се афирмира креативноста и љубовта кон природата. Дополнително, во соработка со Детски едукативен центар ЖАБЕЦ и Сојузот на извидници на Македонија, се реализираа LEGO активности и извиднички игри што ја поттикнаа креативноста, тимската работа и соработката меѓу децата.