По повод 8 Септември – Денот на независноста, уште од рано наутро повеќе функционери упатија честитки до граѓаните, потсетувајќи на историското значење на референдумот од 1991 година и повикувајќи на заедничка работа за иднината на државата.
Претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, потсети дека со референдумот во 1991 година, кога излегоа 75,74 отсто од гласачите, а 72,16 отсто гласаа „за“, граѓаните ја крунисаа вековната борба за самостојна и унитарна држава.
„Денес, 34 години потоа, сè уште водиме битка за суверена, рамноправна, европска, правна држава, членка на Европската Унија“, нагласи таа. Во својата порака таа подвлече дека неправдите не се отстранувале преку „потег на перото“, туку преку упорна домашна и меѓународна борба, внимателни активности и градење сојузи.
Според претседателката, иднината е во европеизирана држава со демократска власт, силно граѓанско општество и образование што ги наградува трудот и заслугите. „Не сум се откажала и никогаш нема да се откажам од македонските национални интереси“, порача Силјановска Давкова, честитајќи го празникот.
Како што вели таа, „ако домата ни е европска“, младите ќе сакаат да работат, творат и градат семејства тука, „во нивната дома, или постојано да соработуваат со татковината, ако се надвор, привремено или трајно“.
„Само во европски амбиент се креира европска иднина“, потенцираше Силјановска Давкова.
Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, исто така испрати честитка до граѓаните. Тој нагласи дека 8 Септември 1991 година е ден кога „граѓаните запишаа историја на која треба да сме горди“. Костадиновски подвлече дека овој датум ги задолжува сегашните и идните генерации да ја сакаат и градат татковината со решителност и одговорност. „Денес вистинската љубов кон татковината значи да се гради правната држава. Врвен патриотизам претставува вистинската посветеност на владеењето на правото,“ истакна тој, честитајќи го празникот.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, во својата честитка повика со гордост да се потсетиме на историскиот чин пред 33 години и да ја чуваме и развиваме татковината за идните генерации. „Денот на независноста е симбол на нашата одлучност самостојно да ја градиме својата иднина,“ порача тој. Мисајловски потенцираше дека Армијата е еден од најсилните столбови на државата, гарантирајќи ја безбедноста и територијалниот интегритет и претставувајќи пример за дисциплина, чест и љубов кон татковината. Тој нагласи дека денес Армијата е модерна и рамноправна членка на НАТО, симбол на независноста како секојдневна одговорност.
Функционерите во своите пораки едногласно потсетија на значењето на независноста како историска придобивка и како трајна обврска за сите граѓани, со акцент на владеењето на правото, европската перспектива и зајакнувањето на институциите.