Запалено ѓубре предизвика пожар во депонијата Дрисла во селото Батинци во Скопје. Утрово пожарот се уште е активен, а огнот се шири од средината на депонијата. Како што информираат од Центарот за управување со кризи, на терен се само пожарникарите со противпожарните возила, бидејќи е проценето дека гаснењето од воздух може да дополнително да ја разгори депонијата и да предизвика палење на други спорадични жаришта.
Според командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Звонко Томевски, се работи за пожар од поголеми размери. Се гасне од земја, за да се намали опасноста огнот да се прошири кон околината и да ги загрози и објектите во близина.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, вели дека противпожарните бригади се обидуваат да го локализираат пожарот во Дрисла, а направени се противпожарни појаси за да не се дозволи на огнот да се прошири во околината.
„Постојат сомненија дека пожарот е намерно потпален. Во текот на летото имавме исклучително високи температури, а Дрисла ниту еднаш не се самозапали“, вели Ангелов.
Од ЦУК информираат дека дополително бил испратен и ер-трактор за да помогне во гаснењето и да спречи евентуално прелевање на пожарот кон боровата шума и викенд-населбата.
„Пилотот на ер-тракторот укажа дека гори централниот дел на депонијата и дека секое фрлање вода од висина може дополнително да ја разгори и да предизвика палење на други спорадични жаришта. Тој не утврдил можност за проширување на огнот кон боровата шума и е упатен да дејствува на пожарите во Скопска Црна Гора“, велат од ЦУК.
Утрово активни се и пожарите во Општина Липково, во селото Никуштак и во Општина Гази Баба во селото Булачани каде гори нискостеблеста деградирана шума и дабова шума, а во Општина Струга има два пожари во селата Татеши и населбата Еленкамен. Под контрола се пожарите во Берово и Струмица. Изгаснати се 23 пожари.