Она што започна како движење предводено од генерацијата З преку социјалните мрежи, насочено против раскошниот живот на т.н. „непо-деца“ или „непо-бебиња“ односно децата на богатите политичари, заврши со пад на владата и со најсмртоносните немири во Непал во последните години, објави Си-Ен-Ен.
Но, сега се поставува комплицираното прашање: што понатаму?
Темни облаци од чад се издигаа над војниците кои спроведуваа полициски час низ празните улици на Катманду во средата наутро, додека кружeа гласини за можен состанок меѓу лидерите на младинското движење, армијата и претседателот на државата.
По два дена хаос, изгледаше како да настапи тивок мир. Но, претходно десетици илјади луѓе излегоа на улиците, запалија клучни државни институции како парламентот и Врховниот суд и жестоко се судрија со силите на редот. Министерството за здравство соопшти дека 30 лица се убиени, а повеќе од 1.000 се повредени.
Немирите започнаа во почетокот на септември, кога група млади Непалци, огорчени од фотографиите на децата на политичарите со дизајнерски чанти на луксузни патувања, организираа мирен протест.
Незадоволството тлееше со години, поттикнато од растечката невработеност на младите и недостигот на економски можности. Многумина тоа го гледаа како последица на сè поголемата нееднаквост меѓу елитите и обичниот народ.
Кога владата минатата недела забрани повеќе од дваесет социјални мрежи меѓу кои Инстаграм, Фејсбук и Вацап, гневот ескалираше.
„Натрупаната фрустрација беше причината за ова движење. Забраната на социјалните мрежи беше последната капка“, изјави за Си-Ен-Ен учесничката на протестите Сариша Шреста.
Во понеделникот наутро, илјадници млади, меѓу нив и ученици во униформи, се собраа кај споменикот Мајтигар Мандала, во близина на федералниот парламент.
Но, ситуацијата брзо излезе од контрола. Демонстрантите се судрија со полицијата, која употреби вистинска муниција, водени топови и солзавец. Според официјалните бројки на властите во Непал, само тој ден загинаа 19 луѓе, а стотици беа повредени.
Во деновите што следеа протестите станаа уште помасовни, а граѓани од сите возрасти го игнорираа полицискиот час. „Младите од генерацијата З побара одговорност и фер истрага за корупцијата и луксузниот живот на расипаните деца на политичарите“, рече Шри Гурунг, демонстрант кој се приклучил по вестите за убиени млади.
Протестите кулминираа со палење на државни институции и грабежи на бизниси. Главниот аеродром беше затворен 24 часа. Запалени беа и Врховниот суд и комплексот Синга Дурбар, каде се сместени владините министерства.
Во вторникот демонстрантите ја запалија приватната резиденција на премиерот Шарма Оли. Неколку министри, меѓу кои и министерот за внатрешни работи, поднесоа оставки. Под притисок, премиерот Оли исто така се повлече, наведувајќи ја „вонредната состојба“ како причина.
„Тие не се само згради, туку дел од нашата историја и наследство“, рече Шреста, изразувајќи жалење за уништувањето.
Армијата побара мирно решение преку дијалог, додека претседателот Рамчандра Паудел ги повика демонстрантите на разговори. Како можен кандидат за премиер во привремената влада се споменува поранешната претседателка на Врховниот суд, Сушила Карки, но постојат правни пречки.
Многу од младите бараат ново раководство со поголемо учество на нивната генерација. „Непал е подготвен да види млади лица заедно со искусните“, вели адвокатот Сахадев Кхатри.
Сепак, стравот од репресија останува. „Многу хаотично е. Сите Вацап групи се полни со стравови и дискусии“, изјави 24-годишна студентка по право, барајќи анонимност. „Се плашиме дека и студентите кои протестираа мирно ќе бидат мета“, додаде таа.