Дрисла и во моментов гори, голем чад се шири во околината, а механизација работи на затрупување на делот што е зафатен со пожар. Вардариште денеска не гори, нема ниту чад, но Владата по прогласувањето на нова кризна состојба поврзана со пожарите, размислува и за ограничување на движењето во некогашната депонија. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов информира дека ги посетил двете критични локации во Скопје, каде изминатите денови има сериозни пожари, што допринесоа за загадување на воздухот и загрозување на здравјето на жителите на главниот град.
Тој соопшти дека од денеска на Дрисла еден од авионите ер-трактор ќе започне да исфрла пена за да се ублажи состојбата и дека очекува до вечер чадењето да се намали или да престане.
Вардариште, пак, ќе добие обезбедување, за што веќе е обезбедена агенција која ќе ја врши таа функција и која има испратено луѓе на терен. Целта е да се спречи влез и повторно потпалување на старата депонија, бидејќи, како што неколкупати повторува Ангелов, постојат сомнежи дека и двата пожари се намерно подметнати.
„Има кривични пријави и притвор за лица кои користеле диви отпади за да откупуваат материјали од лица кои палат кабли на Вардариште. Сега сите тие се дестимулирани, бидејќи нема да можат да го продадат отпадот“, вели Ангелов и додава дека Владата размилува да воведе забрана на движење на Вардариште, но имаат правни пречки бидејќи таму има дива населба во која живеат луѓе.
„Ние сме жртва на неколку семејства кои за да преживеат го трујат Скопје. Најдобро е да се реши трајно бидејќи покривањето на Вардариште со земја не е решение“, вели Ангелов и рече дека очекува по изборите новиот градоначалник на Скопје, со помо на Владата да започне сериозно решавање на овие две жешки еколошки точки.
Аненцијата за обезбедување, според него, е општествено одговорна комапнија и нема да и наплати на Владата за чувањето на депонијата.