Скопје му треба концепт за нула отпад, а не јавно приватно партнерство за Дрисла и натрупување нови количини ѓубре, реагираат екологисти и активисти од Зелен Хуман Град, на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за понудените решенија за решавање на проблемот со скопската депонија. Тие сметаат дека депонирањето е практика од минатиот век, а современите општества се стремат кон нула отпад. Екологистите велат дека обезбедувањето на депониите, нивната санација и ремедијација се само третирање на симптомите, но не и решение со кое ќе се отстрани коренот на проблемот.
„Премиерот вчера изјави дека ќе бара на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија веќе еднаш го спроведе решението со јавно-приватно партнерство за Дрисла, но тоа ни донесе само изгубена една деценија и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во раце на криминалци, кои според јавно достапните информации извршиле нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, стои во соопштението на ЗХГ.
тие предупредуваат дека во јавно-приватното партнерство јавните добра се гледаат како пазар за профит, во случајов, здравјето, чистиот воздух и пристапот до услуги се претвораат во стока.
„Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно, му треба постојан проток на отпад за да има профит. Приватникот инвестира минимално, а извлекува максимален профит преку буџетска поддршка и субвенции. Тој никогаш не влегува од алтруизам туку бара гарантиран профит, договори на 20–30 години, монополи. Тоа е класична форма на приватизација на јавното на мала врата. Злоупотреба на јавни пари, со нив да управуваат приватници и моќници блиски до власта“, реагираат екологистите и потсетуваат на случајот со увоз на отпадно масло забрането во ЕУ како мазут што било овозможено благодарение на политичка моќ и конекции.
Според Европската комисија меѓу 15 и 30 отсто од отпадот кој се извезува од земјите на Европската Унија завршува како нелегален транспорт во некоја од земјите што не се ЕУ–членки, особено во земјите со слаба легислатива за управување со отпад и уште послаба имплементација како што е Македонија. Екологистите велат дека заштитата на животната средина e најпатриотскиот чин, заради што тие предлагаат третман на отпадот што ќе гарантира заштита на здравјето и животите и на животната средина.
„Нула отпад како концепт значи обезбедување дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало од кои ќе се добива компост или биогас. Во Македонија и во Скопје меѓу 60 и 80 отсто од вкупниот комунален отпад е биоотпад. Ако успешно го спроведеме биокомпостирањето тоа ќе значи елиминирање на тие количини од отпадот кој завршува во нашите контејнери, намалување на трошоците кои за транспорт и за депонирање на тој отпад, посочуваат од ЗХГ.
Тие предлагаат државата и Градот Скопје да инвестираат и во постројки за преработка на градежен шут, наместо да се истура на секој чекор во природата, да се преработува и да се реискористува во градежната и поврзаните индустрии. Истовремено, мора ефективно и правилно да се спроведува примарната селекција на отпад, како стакло, метал, пластика, хартија или електронски отпад, како и да се поттикнат работилници за поправка и реупотреба на мебел како и електронски уреди.