Општина Пехчево, предводена од градоначалникот Александар Китански, на 29 и 30 септември е домаќин на третиот проектен состанок и состанок на Управниот одбор на проектот ADRISKY, што се реализира во рамките на програмата Interreg IPA ADRION.
Состанокот се одржува во хотел „Гогов“ во Пехчево и ги обединува проектните партнери од повеќе земји од регионот на Југоисточна Европа. Целта на проектот е зајакнување на капацитетите за управување со природните ризици во пограничните и руралните средини преку иновативни пристапи, размена на знаења и воспоставување регионални мрежи.

Програмата на дводневниот настан опфаќа поздравен говор на градоначалникот Китански, преглед на досегашните резултати, презентации од партнерите, дискусија за комуникација и вклучување на засегнатите страни, како и состанок на Управниот одбор на проектот.
Настанот завршува со организирана теренска посета – пешачка тура низ шумските патеки и водопадите во Пехчево, со цел гостите да се запознаат со природните убавини на регионот и да се истакне потенцијалот на локалната средина во рамките на проектните активности.

Градоначалникот Китански изјави дека домаќинството на ваков меѓународен настан е признание за Општина Пехчево и потврда за посветеноста во меѓународните партнерства. „Преку ADRISKY го јакнеме регионалното соработништво и создавање услови за поголема безбедност, одржливост и развој на нашите заедници“, рече тој.
Проектот ADRISKY се имплементира во рамките на Interreg IPA ADRION програмата, финансирана од Европската Унија, а Општина Пехчево е активен партнер во неговото спроведување.

