
Ниските цени, а со тоа и полесната достапност, придонесува употребата на енергетски пијалоци меѓу учениците значително да биде зголемена во последниве години. Иако нима закон кој забранува нивна продажба на деца под 18 годишна возраст, сепак, ретко каде не е проблем за малолетник или малолетничка да појде во маалска продавница и да си купи енергетски пијалок во лименка, чија цена се движи од 40 денари, па нагоре.
Неодамна вработени во Агенцијата за хран и ветеринарство, им зборувале на ученици во гимназијата „Јосип Броз Тито“, за штетноста од овие пијалоци.
„Кога консумирате имате повеќе енергија и моментално тоа ја подобрува вашата концентрацијата, но на долг рок овие пијалоци можат да предизвикаат сериозни здравствени последици. Енергетските пијалоци содржат високо ниво на кофеин и стимуланси таурин и гуарана, кои при консумација можат да доведат до: зголемен крвен притисок, несоница, нервоза и анксиозност, забрзано чукање на срцето, зависност и сериозни кардиоваскуларни заболувања“, им било кажано на учениците.
Од АХВ зборувале за ризиците од комбинирањето енергетски пијалок со алкохол, а било укажано и на тоа дека кога се купува храна, многу е важно да се внимава на означувањето на производите.
„Здравствените и нутритивните тврдења на прехранбените производи мора да бидат научно поткрепени и однапред одобрени. Наш приоритет е да обезбедиме точни, јасни и проверени информации на декларациите, со цел граѓаните да можат да направат вистински избор и да се информирани при купување храна“, рекла Жанета Мијоска од АХВ.
Мета пишуваше дека и лекарите предупредуваат за штетното влијание врз детскиот организам заради состојките таурин и кофеин. На Клиниката за токсикологија постојано има млади пациенти, но и возрасни, кои се обраќаат за помош откако испиле поголема количина на енергетски пијалок.
Токсикологот д-р Нико Беќаровски од оваа клиника, вели дека не се реткост пациенти кои по испиени два енергетски пијалоци, доаѓаат со страшни тахикардии и со висок крвен притисок.
„Сите овие енергетски пијалоци, ако се искомбинираат со психостимулативни дроги како на пример, екстази, марихуана или други канабиноиди (нешто што често се случува), во тие случаи дејството се потенцира и на енергетскиот пијалок и на дрогата. Тоа значи дека ако имате и психостимуланс во себе, пулсот ќе оди и до 140. Младите лица кои се обраќаат за помош на клиниката, ретко кога признаваат што сѐ консумирале. Велат, пиеле енергетски пијалок, но сокриваат дека консумирале и дрога. Но, анализата на урината ги издава“, вели докторот, кој вели дека кога би одлучувал тој, би ги забранил енергетските пијалоци.
„Младите и онака сѐ почесто пијат и високи количини на кафе, па имате кафе од една страна, плус енергетски пијалок, кој содржи таурин и кофеин. Така се добива двојна доза на кофеин. Тоа се екстремни стимуланси и одеднаш го стресуваат младиот организам“, појаснува докторот.
