Исто така, Ѓорѓиевски предвидува и обнова на Спортскиот центар „Шуто Оризари“, со целосна реконструкција на терените, засадување дрвја, зелени површини и урбана опрема.
Ѓеорѓиевски уште кажа дека со изградбата на новиот Културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично, се вложува во културата како темел на заедништвото и локалниот идентитет. Домот ќе биде простор за театар, концерти, изложби, кино проекции и младински активности, но и симбол на достоинството, традицијата и културната енергија на Шуто Оризари со што ќе се оддаде и посебна почит кон Есма Реџепова – амбасадор на ромската култура, која со својот глас го претставуваше не само Шуто Оризари, туку и Скопје и цела Македонија во светот.
„Денес би сакал да промовирам и дел од пакетот социјални мерки. Преку проектот ‘Скопје – град кој се грижи за сите’ ќе се обезбеди системска, одржлива и праведна поддршка за граѓаните во социјален ризик. Програмата за социјална заштита е стратешки инструмент за подобрување на животниот стандард и целосна интеграција на ранливите групи, преку мерки, активности и сервиси кои овозможуваат рамноправно учество во општествениот живот. Планираме градот да обезбедува поддршка за социјално загрозени семејства и поединци преку финансиска помош, хуманитарни пакети, психосоцијална поддршка и програми за образование и преквалификација. Исто така, преку прифатни центри со 24-часовна грижа и програми за ресоцијализација, ќе им помогнеме на бездомниците да се интегрираат повторно во заедницата“, изјави Ѓорѓиевски.
Според него, овие вложувања се дел од неговата интегрирана визија за Скопје – „град кој расте рамномерно, создава можности за сите“, бидејќи, како што вели Ѓорѓиевски, Скопје е силно само кога сите негови општини се силни, поврзани и насочени кон иста иднина.
