
Стан во сопственост на Градот Скопје ќе биде опремен за да функционира како шелтер центар за итно згрижување на жртви на родово базирано насилство. Станот, ќе се користи како безбеден, заштитен и привремен дом за жртвите и ќе им овозможи итно сместување, стручна поддршка, советување и целосна грижа сè до стабилизација на ситуацијата и изнаоѓање трајно решение.
Одлуката со која се отвори оваа можност ја донесе Советот на Скопје на последната седница, а според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски целта е секоја жена и дете да знат дека нема да бидат оставени сами во моментите кога им е најтешко.
„Градот мора да биде засолниште за сите свои граѓани, особено за најранливите. Ова е само почеток, ќе продолжиме да инвестираме во силни, функционални и хумани услуги, затоа што секоја спасена жена и секое заштитено дете е наша заедничка победа“, рече Ѓорѓиевски.
Градот Скопје најави дека ќе објави јавен повик на кој ќе се бара организација со докажано искуство и специјализирани услуги во областа на социјалната заштита и поддршка што ќе треба да го раководи шелтерот.
