Во село Ратево, општина Берово, на 20 јануари 2026 година ќе се одржи традиционалниот карневал „Ратевски бамбурци“, еден од најстарите и најпрепознатливи зимски карневалски настани во источниот дел на државата, кој со децении ја негува и пренесува локалната културна традиција.
Карневалските активности ќе започнат вечерта на 19 јануари, кога, според старото ратевско предание, ќе се одржи симнувањето на Ратевските бамбурци на сред село, проследено со звуците на зурли и тапани. Овој ритуал го означува воведот во главниот карневалски ден и симболичното оживување на традицијата.
Главниот настан ќе се одржи на 20 јануари со почеток во 12 часот, кога ќе започне дефилето на маски, во кое ќе учествуваат домашни и странски групи. На карневалот се очекува присуство на гости од Бугарија, како и учесници од повеќе градови и места од Македонија, меѓу кои Крива Паланка, Прилеп и Мокриево.
Музичкиот дел од програмата ќе биде збогатен со настап на Џелјо Дестановски, кој ќе се погрижи за карневалската атмосфера со традиционална и народна музика, песна и оро.
Главен покровител на настанот е Општина Берово, а карневалот се реализира со поддршка на повеќе компании и долгогодишни пријатели, меѓу кои „Пилана Три-Реки“, „Пилана Борово Стебло“, „Аурора Ресорт“, „БЦ Транском Панел ДОО“, „Ми-Сар“, „Вива Нет“, „Вип Хотел“, „Хотел Манастир“ и други поддржувачи.
Организаторите најавуваат ден исполнет со традиција, маски, музика и дружење, и упатуваат покана до сите љубители на фолклорот и карневалската култура да бидат дел од настанот што претставува значаен сегмент од нематеријалното културно наследство на регионот.
Карневалот „Ратевски бамбурци“ претставува симбол на заедништво и културен идентитет, кој од генерација на генерација ја раскажува приказната за Ратево и неговите обичаи

