Во Домот на културата „Јане Сандански“ во Пехчево, на 12 јануари 2026 година, се одржа промоција на книгите „Ангелот наречен Леон“ и „Леон“ од Амела Мемиш Апостоловска – дела што со длабока човечност, стручност и емпатија го отвораат светот на аутизмот и ја рушат стигмата околу различностите.

Настанот беше организиран од Општина Пехчево во соработка со Матичната библиотека „Кочо Рацин“ – Пехчево.
На промоцијата учествуваа:
- Габриела Костадинова, модератор и директор на Матичната библиотека „Кочо Рацин“ – Пехчево,
- Елица Јовевска, промотор и советник за планирање на локален економски развој,
- Амела Мемиш Апостоловска, дипломиран психолог, со едукација по социјална политика и дефектологија, автор и активист за инклузија и поддршка на лицата со аутизам.
Промоцијата помина во топла, достоинствена и инспиративна атмосфера, со порака дека аутизмот не е недостаток – туку поинаква форма на човечко богатство. Присутните имаа можност да се запознаат со книжевниот и животниот пат на Леон и со авторскиот пристап на Амела Мемиш Апостоловска, кој ја става љубовта, разбирањето и автентичноста во центарот на секоја приказна.

