Во Пехчево почнаа подготовки за празникот Богојавление – Водици
Општина Пехчево во соработка со свештениците од црквата „Св. Петар и Павле“ и ЈКП Комуналец и оваа година традиционално организира празнување на големиот христијански празник Богојавление Водици.
Течат последните подготовки за прослава на големиот христијански празник Богојавление – Водици. Организаторите со голема посветеност работат на дефинирање на деталите за целокупната манифестација што ќе се случува на 19 Јануари(Понеделник) 2026 во Пехчево.
Од општината информираат дека верниците ќе имаат можност да присуствуваат на осветувањето на водата во реката Писа и ги покануваат да бидат дел од прославата.
По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, црквата „Св. Петар и Павле“ ќе одржи света божествена литургија. Богослужбата ќе започне 7 часот со утрена богослужба, а во 8 часот со божествена литургија, додека чинот на положувањето на светиот крст во водата на реката Писа е најавено за во 10 часот во центарот на Пехчево.
Како што е и традицијата, оној кој ќе биде најсреќен и ќе го фати крстот во реката Писа, за него се предвидени прикладни награди, а за многубројните посетители на оваа манифестација, која од година во година станува се помасовна, локалната самоуправа и оваа година обезбеди бесплатни топли пијалоци (ракија и вино) за сите присутни.
Задолжително за сите учесници кои ќе скокаат во водата по светиот крст треба да извршат медицински преглед кај својот матичен лекар. Со издадената потврда од матичениот лекар задолжително треба да се пријават кај питроп Јованчо Станоевски 077/943-301 најдоцна до 18.01.2026 до 17часот во храмот Св. Петар и Павле.
Водици или Богојавление е денот на кој според христијанското предание Св.Јован Крстител го крстел Господ Исус Христос во реката Јордан. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата, а кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина.


