Денес во просториите на библиотеката се одржа инспиративна трибина на тема ” Македонските великани зборуваат денес” наменета за средношколците од Младинскиот совет. Настанот беше посветен на македонската поетска ризница и делата на трите големи имиња на нашата книжевност Рацин, Шопов и Конески. Преку читање и анализа на избрани песни, младите имаа можност да се запознаат со темите што ги обработуваат овие поети, чувствата што ги носат нивните стихови и да размислат дали и колку тие емоции се препознаваат во животот на младите денес.
Разговорот покажа дека поезијата на Рацин, Шопов и Конески и понатаму зборува со силен и актуелен глас, отварајќи прашања за човекот,општеството,љубовта,тагата и идентитетот. Како креативен завршеток на трибината директорката на библиотеката Габриела Костадинова им зададе задача на учениците да замислат како би изгледала пораката што овие поети би им ја испратиле на младите доколку денес беа живи и активни на социјалните мрежи,а на крајот учениците изработија кратка споредба на Рацин, Шопов и Конески во која ги издвоија темите,стилот и карактеристиките на нивната поезија.


